Во среда (17 април) во 20 часот во киното Милениум, почетокот на годинешното 22. издание на Скопје филм фестивал ќе го означи македонската и светска премиера на новиот игран филм „Втора шанса“, кој е прв игран филм на режисерката Марија Џиџева, по сценарио на Огнен Георгиевски, а во продукција на „Small Moves Films“ и Биберче продукција.
Се работи за копродукција помеѓу Македонија и Србија. Во главните улоги н оваа современа драма настапуваат: Мирјана Карановиќ, Даниела Ивановска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула, Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески. Втора шанса ги испреплетува приказните за три жени кои живеат во ист станбен комплекс за да создаде калеидоскопско набљудување на уникатното искуство на мајчинството, како и на самопожртвуваноста на носењето нов живот во овој свет. Секоја од овие жени се обидува да ја пронајде смислата на своето постоење, за време на апсурдното и бесмислено време кога Македонија е на граница на граѓанска војна во 2001 година, и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост.
„Среќни сме што Скопскиот филмски фестивал успеа да опстои и што го отвараме 22 –то издание. И оваа година ќе имаме богата програма, со голем број важни филмови. Исто така, се гордееме што за 22 години, ова е првпат Фестивалот да се отвара со филм на жена режисерка. А мора да го издвојам и омажот за еден од најго,емите македонски филмски актери, Мето Јовановски, програма што ја подготвивме заеднички со Кинотеката“, вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.
Скопје филм фестивал, за своето 22. издание донесе богата и разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди вкупно 58 играни, кратки, документарни филмови, како и работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, презентации и дискусии.
Филмовите се распоредени во 11 програми, меѓу кои се: Филм за отворање, Гала програма, Посебни проекции, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Денови на Квир кино, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Кратки филмови, Документарни филмови и Омаж на Мето Јовановски.
Во атрактивната Гала-програма, годинава публиката ќе ја види премиерата на „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур кој овојпат се занимава со политичкото влијание од победата на Трамп. Тука е и новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе „Пепе“ Мухика.
Во оваа програма се уште три значајни остварувања – „Тврдина“ на Игор Зајцев – филм за владеењето на Петар Први, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас, кој зборува за терористичките напади во Мумбаи во 2008 година и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи – „Три лица“.
Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, чиј што селектор е Навид Сарем, меѓу кои и новиот филм на Гаспар Ное, „Климакс“. Во програмата Европски филм, на ова фестивалско издание ќе прикажеме шест филмови од најнова продукција. Селектор на програмата Кратки филмови е Алексеј Дмитров, кој избра 16 репрезентативни остварувања.
Од минатата година, Скопје филм фестивал започна со реализација на програмата „Денови на Квир кино“ во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар ида создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.
Во програмата Македонска продукција фестивалот ќе прикаже три нови краткометражни филмови на режисерите Сезер Салихи, Ана Јакимска и Антонио Велјановски. Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски свечено ќе започне на 18 април во Кинотеката со филмот „Кога ќе осамне денот“ во режија на Горан Паскаљевиќ. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991), и поновиот „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.
Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал ќе се одржи Тренинг програма „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса” со Брајан Мекгил. Оваа работилница се одржува во соработка со „Creative Europe“ Desk MEDIA MK и Агенција за филм.
Втората работилница е за основните филмски техники, по која ќе има јавна презентација на резултатите.
По проекцијата на филмот „Фрик и шик“ за Жан Пол Готје, ќе се одржи дискусија за модата и родовите, сексуалноста и перформативноста. Специјална гостинка е Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм.
Гости на фестивалот се и селекторот Навид Сарем од Франција, актерката од филмот „Киселина“, Анастасиа Евграфова и Кахејн Куперман, режисерка на филмот „Виолината на Џо“.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер Зоран Кардула.Програмите на 22. издание на Скопје филм фестивал, од 17 до 25 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотеката, кино „Фросина“ и Котур.