Царовска на средба со младите иновативци од „АндроМета“

Александра Поповска, Матеј Плавевски, Дарио Стојанов, Данче Петрушевска и Амра Личина, чиј тим „АндроМета“ е еден од петте којшто се избрани на светско ниво за развој на апликацијата SpeakOut за поддршка од врсничко насилство, денеска се сретнаа со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Министерката ги покани иновативното решение да го презентираат и пред Националното координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и  занемарување со што ќе се разгледа можноста истото да се вметне како дел од сеопфатната стратегија против насилство врз деца и оперативен план коишто се во фаза на подготовка.

„Горди сме што имаме непроценлив потенцијал кај младите луѓе во Република Северна Македонија. Вашата иновативност, посветеност и енергија за создавање подобри услови за живот и развој на вештини кои решаваат сериозни проблеми во општеството и на новите генерации, ни дава поттик како министерство и Влада да останеме посветени на заложбата за обезбедување еднакви услови и подобар живот за секое дете“, рече министерката Царовска.

Александра Поповска (18 години), којашто е лидерка на тимот вели дека возрасните не веруваат секогаш во нивните способности, но таа лично верува дека младите можат да направат промена.

„SpeakOut е мобилна апликација која ги мотивира младите анонимно да побараат помош и да дадат поддршка на своите врсници. Ним им се нудат две опции за добивање помош. Јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден“ , вели Поповска.

Македонскиот тим е еден од петте тимови којшто е избрaн на светско ниво за развој на мобилна апликација SpeakOut. Целта на апликацијата која што се развива како дел од предизвикот Generation Unlimited треба да служи како поддршка на жртви од врсничко насилство, а македонскиот тим беше избран од УНИЦЕФ и партнерите меѓу оние коишто  ќе добијат стручно менторство и по 20.000 американски долари за проширување на апликацијата.

Во младинскиот предизвик Generation Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји за да побараат одговор на неодложното прашање: како да се постигне секој млад човек да добие образование, вештини и оспособеност за изградба на подобра иднина?

Целта на овој предизвик во кој се вклучени првите луѓе на Обединети Нации и Европска Унија е сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.

 

Треба да знаете
Последни објави