Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска имаше средби со граѓаните на општина Богданци.
Пред присутните Мицкоски истакна дека од многуте средби кои што изминатиот период од граѓаните слушнал само разочарување од актуелната состојба во која што се наоѓа Република Македонија, односно, како што рече тој, во овие две години од владата на Зоран Заев и СДСМ немало ниту една суштинска реформа и исполнување на ветеното, туку само предавство и распродажба на националните и државните интереси.
„Буквално секаде без разлика дали станува збор за градови, дали станува збор за села, дали станува збор за помали или поголеми населени места имав можност да разговарам со илјадници, илјадници наши сограѓани. Илјадници, илјадници наши сограѓани ни ја пренесоа нивната емоција, нивниот сентамент, ја прераскажаа реалноста, а реалноста е лоша. Луѓето се многу разочарани од сите оние неисполнети ветувања, сите оние нереализирани очекувања. Практично луѓето сфатија дека си имаат работа со измамници и тие измамници единствената работа која што ја направија изминатите речиси две години е едно огромно големо предавство. Нема ниту една структурна реформа, нема услови за подобра живот, не ја подобрија економијата, напротив се оди во долна линија. Единственото нешто што го направија е она огромно предавство со кое што тргуваа и ги предадоа и државните и националните интереси. Тоа е реалноста во Република Македонија“, кажа Мицкоски.
Во обраќањето Мицкоски посочи дека овие избори не се само претседателски избори, туку се избори каде што се одлучува за иднината на Македонија.
„Ова не се само претседателски избори, ова се избори каде се одлучува за иднината на Македонија, за правецот по кој ќе се движиме, патот по кој ќе одиме, а ако ја немаме Македонија ништо немаме. Затоа на овие избори се решава за Македонија. Претседателските избори се шанса за отворање на вратата на предвремени парламентарни избори на кој кој го поразиме Заевизмот. Колку победата е поубедлива, толку ќе биде поголема нашата сила за промени, реформи да ја испорачаме правдата“, рече Мицкоски.
На крај Мицкоски порача дека ВМРО-ДПМНЕ заедно во коалиција со народот ќе се изборат со сите неправдини направени од СДСМ и Заев и побара масовна поддршка за кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова.