Обвинителството во германскиот град Бранзвик денес покрена обвинение против поранешниот директор на Фолксваген, Мартин Винтеркорн, во врска со манипулациите на „Фолксваген“ на тестовите за мерење на штетните гасови.
Обвинението е поднесено против уште четворица други менаџери во компанијата, соопшти обвинителството, но не ги споменаа нивните имиња, според Ројтерс.
Како што објави обвинителството, Винтеркорн е обвинет за исклучително сериозен случај на измама, злоупотреба на довербата и нарушување на конкуренцијата, бидејќи по 25 мај 2014 година, кога се дозна дека е манипулирано со дизел-моторите, не преземал ништо.
Винтеркорн не ги известил властите во Европа и во САД за нелегалниот софтвер, ниту пак клиентите, ниту пак го спречил понатамошното инсталирање на софтверот, според обвинителите.
Како последица на тоа, „Фолксваген“ се соочи со високи казни во Германија и во САД, до кои не би дошло ако Винтеркорн реагирал, соопшти обвинителството.
Пред околу една година, САД подигнаа обвинение против Винтеркорн, обвинувајќи го за заговор за да го прикрие скандалот со емисиите на штетни гасови од дизел- возилата на „Фолксваген“.
Аферата „дизелгејт“ беше откриена во 2015 година, предизвикувајќи глобална реакција против дизел моторите и ја чини компанијата 29 милијарди евра.