Државното биро за истраги на Украина почна со истрага против државниот јавен обвинител Јуриј Луценко во врска со наводното незаконско осудување на поранешниот претседател Виктор Јанукович за предавство, изјави еден од адвокатите на Јанукович, Виталиј Сердјук, за ТАСС.
„Веруваме дека од себични и политички причини, државниот јавен обвинител лажирал докази и го прекршил постоечкиот Закон за кривична постапка за да го обвини невиниот Виктор Јанукович, со што извршил кривично дело според Дел 2 од член 372 од Кривичниот законик, и сега треба да биде истражуван од страна на СБИ “, рече Сердјук.
Адвокатот рече дека случајот бил фабрикуван набрзина и дека датумите на сите клучни документи се од неработни денови.
„Јуриј Луценко е одговорен за неисполнувањето на законските услови. Пред сè, сомневањата никогаш не му биле предочени на Јанукович лично. Државниот јавен обвинител постојано интервенираше во процесот и вршеше притисок врз судиите, кои мораа да се жалат до Врховниот совет на правдата, и повеќе пати го прекрши принципот на презумпција на невиност кон Јанукович”, рече Сердјук.
На 24 јануари Украинскиот суд го осуди Јанукович на 13 години затвор за предавство и за соучество во воената агресија на Русија против Украина. Во исто време, судот утврди дека поранешниот претседател е невин за соучество во кршењето на територијалниот интегритет на Украина, што доведе до губење човечки животи и други тешки последици.