Денес се навршуваат четириесет години од најразорниот земјотрес, со јачина од седум степени според Рихтеровата скала, што на 15 април 1979 година ја погоди Црна Гора и предизвика катастрофално уништување на целиот црногорски брег, во должина од околу 100 километри.
Според cdm.me, епицентарот на земјотресот бил во Јадранското Море, помеѓу Бар и Улцињ, на оддалеченост од 15 километри од брегот. Во овој земјотрес, 101 лице го загубија животот во Црна Гора и 35 во Албанија.
Во земјотресот беа уништени голем дел од хотелите во оваа област, беа оштетени 53 здравствени установи, 570 објекти на социјалната и детската заштита, 240 училишни згради.
Особено беа оштетени културните и историските споменици (манастири, цркви, музеи, архиви), кои беа концентрирани главно во најзагрозениот крајбрежен појас. Исто така големи штети претрпе и патната мрежа – беа оштетени околу 350 километри магистрални и 200 километри регионални патишта.