Шест лица се појавија денеска пред судот во Нов Зеланд поради обвинување дека нелегално ја споделиле снимката од директниот пренос на нападот во двете џамии минатиот месец.
Судијата на окружниот суд во Крајстчрч, градот во кој се случи нападот, Стивен О’Дрискол, одби да одобри кауција за бизнисменот Филип Арпс и едно малолетно лице, кои беа приведени во март.
Останатите четири лица кои се осомничени не се во притвор, јави АП.
Агенцијата истакна дека за обвинување за набавка или дистрибуција на непожелна содржина се закануваат казни до 14 години затвор.
Арпс би требал повторно да се појави пред судот преку видеолинк на 26 април.
Малолетникот е обвинет дека го споделил видеото на кое е директно пренесен нападот и фотографија од џамијата Ал Нур, со натпис „целта е избрана“.