Рускиот патријарх Кирил денеска изјави дека неговото срце тагува поради пожарот во катедралата Нотр Дам, која ја нарече ремек-дело на христијанската архитектура.
„Патријаршијата е длабоко натажена од веста за катастрофалниот пожар кој предизвика голема штета на париската црква Нотр Дам, светилиштето на Римокатоличката црква во Париз“, се вели во соопштението објавено на интернет-страницата на Руската Православна Црква.
„Сочувствувам со вас и со сите оние кои му се восхитуваат на ремек-делото на христијанската архитектура, кое зазема посебно место меѓу спомениците на светското културно наследство“, се вели во соопштението на Патријархот Московски и на цела Русија.
„Се надевам дека заедничките напори на Црквата, државата и сите други во реконструкцијата на катедралата ќе бидат крунисани со успех“, стои во соопштението, а пренесува порталот „Индекс“.
Руската православна црква и Католичката црква долго време меѓусебно се игнорираа, се до состанокот на папата Франциско и патријархот Кирил во февруари 2016 на Куба. Тоа беше прв состанок на патријарх на Руската православна црква и папа по расколот меѓу Источната и Западна Црква во 1054 година.