Со векови старите дрвени греди на покривот, каменот од надворешната страна од катедралата и готската архитектура значително го отежнувале гаснењето на пожарот во Нотр Дам, тврдат експерти.
Според нив, париските пожарникари заслужуваат пофалба за своите напори.
Како што објаснува СИ Ен Ен, за време на пожарот уништени се централната шилеста кула и поголем дел од покривот на со векови старата катедрала во Париз, но две камбанерии и главната конструкција се зачувани.
Околу 400 пожарникари со часови го гаселе пожарот со вода, која бил испумпувана од реката Сена, додека беспилотни летала ја надгледувале причинетата штета.
Меѓутоа, според проценката на експертите, најголем проблем било да се пристапи до дрвените греди на покривот, кои формирале конструкција за голем покрив.
Кога гредите почнале да горат, надворешноста на катедралата, која е од камен, им отежнувала на пожарникарите кои биле надвор од објектот да му пријдат на изворот на пожарот.
Имено, каменот ги задржува топлината и димот, што ги спречувало да работат внатре во црквата.
Проблем претставувала и висината на Нотр Дам, бидејќи поради неа внатре во самата структура имало многу кислород кој го разгорувал огнот и им правел проблеми на обидите да се стигне до изворот на пожарот.
Си Ен Ен напоменува и дека гаснењето на огнот по воздушен пат, како што предложил американскиот претседател Доналд Трамп, не било реално.
Според зборовите на професорот од колеџот во Њујорк, Глен Корберт, ниту еден пилот не би можел да исфрли вода точно на тоа едно место, доколку се движи неколку стотици километри на час.
Француската агенција за цивилна безбедност наведува дека какво било испуштање на вода од воздух би можело да ја „ослабне структурата на Нотр Дам и да доведе до колатерална штета на зградите кои се наоѓаат во близина”.
– Во првите 20 минути било повеќе од очевидно дека тоа ќе биде катастрофален пожар, изјави поранешниот пожарникар во службата во Сент Луис во САД, Грег Фавре.
Тој додаде дека фактот оти пожарникарите успеале да го стават огнот под контрола и да спасат голем дел од зградата, вклучувајќи ги и двете камбанерии, укажува на огромен напор.
По девет часа борба, рано изутринава околу три часот француските пожарникари успеаја да го локализираат пожарот, кој целосно е изгаснат неколку часа подоцна.