Пулицеровите награди за најголем придонес во новинарството и уметноста вчера беа доделени на Универзитетот Колумбија во Њујорк, а меѓу лауреатите се новинските агенции „Асоишиејтед прес“ и „Ројтерс“, како и новинари од весниците „Њујорк тајмс“ и „Лос Анџелес тајмс“. Неодамна починатата соул легенда Арета Френклин постхумно доби специјална награда за неизбришлив петдецениски придонес во американската музика и култура.
„Вашингтон пост“ е награден за истражувачките текстови за поранешниот адвокат на американскиот претседател, Доналд Трамп, Мајкл Коен, кој наводно подмитувал односно им давал пари за да замолчат на жените кои тврдеа дека имале афера со Трамп пред да биде избран за претседател.
„Њујорк тајмс“ освои награда за текстовите за семејното богатство на Трамп и аферата со обидите да го заобиколат законот за наследство со цел да избегнат даноци.
Три Пулицерови награди беа доделени за известување за проблемите со контролата за користење оружје, вклучувајќи ја и наградата за „Саут Флорида Сан Сентинел“ за известувањето за пукањето во средното училиште во Паркланд што се случи лани во февруари, а во кое беа убиени 17 студенти и вработени.
Пулицерова награда добија и тројца репортери од „Лос Анџелес тајмс“ за истражувачките текстови за Џорџ Тиндал, гинеколог кој беше обвинет за сексуална злоупотреба на стотици студенти на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Сите наградени добија по 15.000 долари.