Пациентките заразени од мали сипаници на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство се изолираат во посебна просторија и имаат посебен хигиенски третман. По завршување на интервенцијата просториите се чистат со дезинфекциски средства и се кварцаат. Персоналот користи заштитни маски. Кај персоналот на на Клиниката нема заразени од мали сипаници, соопштија од таа јавна здравствена установа.
Од Клиниката посочуват дека во последните три месеци кај нив биле примени две пациентки со морбили. Од нив едната пациентка се јавила на првостепена комисија, на свое барање, за прекин на бременост поради заболување од морбили, што било извршено по сите протоколи. На првостепена комисија се јавила уште една пациентка со прележани морбили во текот на бременоста и на нејзино барање, тоа било одобрено.
На Клиниката била примена и пациентка од Велешко во 22 гестациска недела, по претходно три царски реза, последниот пред 18 месеци. Пациентката имала претходно егзитиран плод по последниот царски рез, преегзистирачка хипертензија и осип во прилог на морбили. По приемот на Клиника таа имала спонтан абортус на мртов плод, по што е направена инструментална ревизија на матката. Постапено било по сите протоколи за третман и изолација на пациентката, по совет од инфектолог и од комисијата за интрахоспитални инфекции. По стабилизација на состојбата пациентката била испишана од Клиниката и со придружба била испратена за натамошна хоспитализација и третман на Клиниката за инфективни болести.
Малите сипаници се поврзани со повисока стапка на спонтани пометнувања (абортуси), кај пациентките кои заболуваат во рана фаза од бременоста. Заболувањето не е поврзано со зголемен ризик од вродени аномалии, но ризикот од предвремено породување кај овој дел од трудничката популација е поголем и дирекно е поврзан со фебрилната фаза на болеста. Како последица на повисоките стапки на предвремено породување, расте и стапката на перинаталниот морталитет, условено од појавата на конгенитална форма на заболувањето. Појавата на заболувањето во периодот на очекуваниот термин за породување, исто така ги зголемува ризиците во однос на неповолниот перинатален исход и кај терминските бремености, истакнуваат од Клиниката.
Што се однесува до ризиците по здравјето на мајката, посочуваат, заболувањето е поврзано со повисок ризик од компликации на респираторниот систем, во однос на општата популација.
Но, и варичелата и рубеолата се поврзани и со зголемени ризици од појава на конгенитални аномалии т.е вродени дефекти, интраутерин застој во растот и развојот на плодот, што резултира со раѓање на плод со пониска родилна тежина од очекуваната, како и со зголемен ризик од интраутерина фетална смрт. Во случаите на пациентки со варичела, која се јавува во очекуваниот термин за породување, импликациите по перинаталниот исход се особено сериозни заради асоцијацијата на конгениталната форма на заболувањето со респираторните компликации и компликциите на централниот нервен систем, кај новородено од мајка со активна форма на болеста во моментот на породувањето, наведуваат од Клиниката за гинекологија и акушерство.