Тигарот Бартек од Краснојарскиот парк на флората и фауната, брат на познат сибирски тигар, прогнозираше победа на Владимир Зеленски во вториот круг на претседателските избори во Украина, соопшти прес-службата на зоолошката градина на социјалната мрежа „ВКонтакт”.
– Пред тигарот беа поставени две кутии со идентични парчиња месо. Тие се разликуваа само по сликите и имињата на кандидатите врз нив. На една од кутиите беше името и фотографија на сегашниот претседател, а на другата фотографија на Зеленски. И иако кутијата со актуелниот претседател беше поблиску до тигарот, по кусо размислување, Бартек го избра Владимир Зеленски, стои во соопштението.
Во објавеното видео јасно се гледа како Бартек се доближува до кутиите. Прво ја помирисува кутијата со фотографијата на Порошенко, потоа се врти кон другата, па потоа кон првата, но на крајот ја избира кутијата со Зеленски.
Бартек е брат на познатиот тигар Амур од Приморскиот сафари парк, кој стана пријател со козата Тимур, а светски познат стана со своите прогнози.
На 31 март во Украина се одржа првиот круг од претседателските избори. Никој од кандидатите не освои неопходен број гласови. Вториот круг ќе се одржи на 21 април и во него ќе учествуваат претседателот на Украина Петро Порошенко и Зеленски, кој во првиот круг освои речиси два пати повеќе гласови од сегашниот претседател.