СДСМ се толку збунети што првин демантираат дека таква апликација постои, а после самите се негираат и велат дека била наменета само за нивни членови, истакнуваат од тимот на кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска, откако од владејачката партија негираа дека постои апликација со која се прибираат лични податоци на граѓаните.
„Фактот што кратко по изјавата на граѓанскиот штаб на Гордана Сиљановска Давкова за спорната апликација за која се бара реакција од Јавното обвинителство, апликацијата е избришана од сервисот Google Play доволно говори за проблемот со кој се соочува Македонија“, велат од штабот.
Од таму порачуваат дека кој ја инсталирал и кој денеска ја избришал апликацијата со назив IZBORI 2019 KC SDSM ќе утврдат надлежните институции пред се Јавното Обвинителство и Државната комисија за заштита на личните податици.
„Се надеваме дека уште денеска во соработка со МВР презеле соодветни мерки и активности за расчистување на случајот. Граѓанскиот штаб на кандидатката за претседател Гордана Сиљановска Давкова им сугерира на одговорните во СДСМ да најдат добри адвокати и да ги информираат сите вклучени во оваа спорна партиска активност дека ќе одговараат за секое прекршување на законот“, стои во соопштението во кое се додава дека нарушувањето на приватноста, злоупотребата на лични податоци и нарушувањето на изборниот процес се сериозни кривични дела.