По осумчасовна по борба со огнената стихија, француските пожарникари успеаја да го локализираат огромниот пожар во Богородичната црква во Париз (Нотр Дам) во 3 часот по полноќ. Францускиот претседател, Емануел Макрон, пробдеа цела ноќ покрај неа, а потоа со сопругата први влегоа да видат дали е спасено вековното богатство. Според првичниот впечаток, огнот не ги уништил катедралните сводови, светиот крст и бројните вредни фигури и книги.
Во пожарот целосно се уништени куполата и високиот столб кој се издигаше над катедралата, а големата камбана е спасена.
Според прелиминарната истрага, зад пожарот не стои кривично дело и дека најверојатно избил случајно.„Си-Ен-Ен“ пренесува дека причината за појава на огнот може да биде поврзана со реновирањето на „Нотр Дам“.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон го откажа обраќањето до нацијата и преку Твитер порача дека е тажен од глетката што ја опиша со израз „како да гори дел од нас“.
„Нотр Дам во Париз е во пламен. Сочувство со целата нација. Моите мисли се насочени до сите католици и Французи. Како сите наши сонародници, ноќва сум тажен додека гледам како гори дел од нас. Но, свечено може да кажам дека со заеднички сили повторно ќе ја изградиме катедралата. Тоа е наша судбина и наш проект за наредните години. Французите го очекуваат тоа од нас, историјата го бара тоа од нас, тоа е наша судбина“, напиша Макрон.
Пожарот избувна вчера попладне. Француското обвинителство отвори истрага за причините за пожарот во Нотр Дам во Париз. Во гасненењето на пожарот на катедралата Нотр Дам во Париз беа вклучени повеќе од 400 пожарникари и возила.
Пожарот избувна во 18.30 часот и по кратко време целосно ја проголта високата купола.Нотр Дам во Параз е споменик на културата кој датира од 12 век. Го посетуваат од 30 до 50.000 луѓе на ден. Светските лидери Меркел, Трамп и меѓународната заедница искажаа загриженост и сочувство за големата загуба. Пожарот се случува во деновите на пост пред најголемиот христијански празник Велигден.