Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, повика на итно примирје во Либија, каде што ситуацијата особено ескалира по неодамнешните напади врз главниот град, Триполи.
Во понеделникот Конте беше домаќин на состанокот во Рим меѓу вицепремиерот на Либија, Ахмед Маитиг, и министерот за надворешни работи на Катар, Мохамед бин Абдулахман Ал Тани, во обид да се најде решение за континуираните немири.
Постои загриженост дека Либија би можела да стане „новата Сирија“, а стотици илјади луѓе би можеле да бидат принудени да ја напуштат земјата и да одат во Европа.
Либискиот премиер, Фајез ал-Сарај, предупреди дека земјата се соочува со агресивна војна која ќе се прошири низ Медитеранот, Италија и Европа. Тој порача дека мора да постои обединетост и одлучност во блокирањето на агресивната војна на Хафтар, за кого тој рече дека е човек кој ги предаде Либија и меѓународната заедница.
Но, и покрај поддршката на Обединетите нации и некои европски земји за премиерот Ал-Сарај, генералот Хафтар доби целосна поддршка од египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, а се верува и дека тој ја има поддршката и на на лидерите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.