Косовскиот претседател вчера во Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, каде разговарале за косовските царини и за визната либерализација за Приштина.
Комесарот Хан, по средбата, истакна дека е важно што побрзо Приштина и Белград повторно да седнат на преговарачка маса во рамки на Дијалогот за нормализација на односите.
-Добра средба со претседателот Хашим Тачи. Важно е да продолжи дијалогот Србија-Косово брзо, исто е во интерес на пошироката регионална стабилност и напредок. Го повторив ставот на ЕУ дека косовските царини се контрапродуктивни и дека треба барем да бидат суспендирани, напиша Хан на Твитер по средбата.
Дијалогот Белград-Приштина е суспендиран од ноември откако Косово воведе високи царини врз увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.
Од косовска страна меѓутоа не пристигна таков сигнал по средбата на Тачи со комесарот. Косовскиот премиер го стави фокусот на визната либерализација. Косово е единствената земја во регионот која не е ослободена од визниот режим поради блокади на ниво на земјите членки на ЕУ.
Тачи побара „силен ангажман” од европските институции и од ЕУ членките кон Косово во процесот на европска интеграција и „фундаменталната потреба” да се донесе набрзо одлука за ослободување од визниот режим за косовските граѓани.
Претседателот Макрон и канцеларката Меркел на 29 април во Берлин ги поканија српскиот и косовскиот претседател на средба, во обид да се деблокира дијалогот меѓу двете страни. На средбата во Берлин се поканети и другите премиери од регионот, вклучително и премиерот Зоран Заев.