Четворица ученици од ОУ „Коле Канински“ од Битола се самоповредиле со сечење вени како последица од опасните интернет игри „Момо“ и „Синиот Кит“, дознава Телевизија 24.
Директорот на ОУ „Коле Канински“ од Битола, Зоран Мирчевски го потврдил случајот. Според него, се случило надвор од училиштето, а информирани и МВР и родителите. При вонредна проверка со полицијата откриен е и еден нож кај основец во тоа училиште.
Од МВР се уште ги проверуваат информациите.
Инаку од контроверзните онлајн игри „Синиот кит” неколку стотици деца во светот извршија самоубиство. Поновата игра – „Момо“, се распространува преку апликацијата „Ватсап“. Наменета е за најмладите корисници, а последица може да биде и самоубиство.
Приказната почнува со контакт со Момо, женски лик со застрашувачки изглед, со крупни очи. Децата откако ќе контактираат со Момо, добиваат серија предизвици, а доколку ги одбијат, следи казна и добиваат заканувачки и вознемирувачки телефонски пораки и фотографии.