Светот се обединува за обновување на Нотр Дам

Рускиот претседател Владимир Путин му предложи на францускиот колега Емануел Макрон помош од најдобрите руски експерти за обновување на катедралата Нотр Дам, која претрпе огромна штета во вчерашниот пожар што ја зафати црквата.

– Нотр Дам е историски симбол на Франција, бесценето богатство на европската и светската култура. Катастрофата која синоќа го зафати Париз одекна со болка во срцата кај луѓето во Русија, истакна Путин.

Тој изрази надеж дека големата катедрала ќе биде обновена и предложи во Франција да ги испрати најдобрите руски експерти кои имаат огромно искуство во реставрирање на споменици од светско културно наследство, вклучувајќи и дела од средновековната архитектура, се наведува во соопштението на Кремљ.

Владата на Јапонија соопшти дека, исто така, размислува да и испрати помош на Франција.

– Оваа штета е загуба за светот и нашите срца страдаат, изјави портпаролот на јапонската Влада Јошихиде Суга.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џе-ин ја повика меѓународната заедница да се обедини за обновување на катедралата.

– Нашата љубов кон човештвото ќе биде отсликана на многу зрел начин во процеот на обновувањето, нагласи Мун.

Полскиот премиер Матеуш Моравецки истакна дека „Европејците заедно ќе ја обноват катедралата”. Тој потсети дека Варшава била одново изградена по разурнувањата во Втората светска војна и Полјаците добро знаат што значи загуба на културно наследство во пожар.

Архиепископот на Њујорк, кардинал Тимоти Долн изјави дека жителите на американската метропола тагуваат заедно со Парижаните, кои можат „да се надеваат на нашата љубов, молитви, поддршка и солидарност”.

Либанскиот премиер Саад Харири исто така изрази жал и тага поради пожарот, кој се смета за катастрофа на човештвото и културното наследство. Харири на Твитер изрази огромна солидарност со „пријателскиот француски карод”.

Портпарол на филипинскиот претседател Родриго Дутерте нагласи дека „нашите мисли и молитви се со народот на Франција”.

Грчката министерка за култура Мирсини Зорба во интервју за радиото „Практорио фм”, истакна дека Грција ќе ги поддржи напорите за обновување на Богородичната црква во Париз и „веднаш ќе се разгледа тоа”.

Паралелно, државниот врв, но и опозицијата во Грција изразија жалење за катастрофалниот пожар на Нотр Дам, јави дописничката на МИА од Атина.

Претходно, францускиот милијардерот Франсоа Анри Пино соопшти дека неговото семејство ќе даде 100 милиони евра помош за обнова на катедралата.

– Мојот татко и јас одлучивме да одвоиме 100 милиони евра и да учествуваме во реконструкцијата на Нотр Дам, напиша Пино во соопштението до медиумите.

Пино е прв човек на компанијата Керинг, која е сопственик на познати брендови Гучи и Сен Лорен и претседателот на компанијата која ја поседува познатата аукциска куќа Кристис. Негова сопруга е позната актерка Салма Хајек.

Исто така и францускиот милијардер Бернар Арно, кој го контролира луксузниот конгломерат ЛВМХ, денеска соопшти дека неговото семејство и компанијата ќе донираат 200 милиони евра за да помогнат во обновата на катедралата Нотр Дам.

– Семејството Арно и ЛВМХ се солидарни по оваа национална трагедија и ќе учествуваат во реконструкцијата на таа извонредна катедрала, симбол на Франција, нашето наследство и единство, се вели во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави