Тренерот на Пари Сен Жермен не е загрижен од слабата форма на тимот, кој во последните две средби во Лига 1 прво одигра 2:2 против Стразбур со доцен гол, а потоа претрпе пораз со 1:5 од вториот на табелата Лил – нешто необично за парижаните.
– Треба да го прифатиме овој период од сезоната. Има многу позитивни, но исто така тешки недели. Тоа не е криза, туку тешка фаза. Јас ќе бидам задоволен од истата криза и следната сезона ако имаме 17 поени предност! Мораме да останеме смирени и сплотени. Нашата цел е што поскоро да станеме шампиони. Имавме можност да го сториме тоа против Стразбур и Лил, но ние не го искористивме тоа. Секогаш има пречки за надминување. Тома Муние, Единсон Кавани, Нејмар, Маркињос, Тиаго Силва и Анхел Ди Марија се повредени, а Хуан Бернат и Марко Верати се казнети. Ова не е нашиот тим за Лигата на шампионите, туку листа на отсутни, вели Тухел.
Според него, во моментов тимот нема доволно играчи, за да се справи целосно со своите задачи на теренот. Тој додаде и дека Нејмар ќе се врати наскоро на теренот.
– Тоа е реалноста. Ако нема играчи, остатокот од тимо мора да биде поодговорен. Тоа е многу тешко. И физички и ментално се уморни. Тие не застануваат. Нејмар веќе нема болка. Тој е многу самоуверен и сака да се врати што е можно поскоро, рече Тухел пред посетата на Нант.