Агенцијата за храна и ветеринарство тврди дека нема непотребни задржувања на превозниците при вршење инспекциски контроли на граничните премини Ќафасан и Табановце. Во согласност со законските одредби, при извоз на храна од животинско потекло официјалните ветеринари не вршат контроли на граничните премини, туку на местото на товарење на пратката за што издаваат и сертификат.
„На граничните премини контроли се вршат исклучиво при увоз во земјата за што компаниите имаат обврска претходно, најдоцна 24 часа пред пристигнување на пратката на граница, да се најават во електронскиот EXIM-систем. Работното време на инспекциските служби на Агенцијата е усогласено со работното време на царинските служби.
За увоз на храна од неживотинско потекло, неодамна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, донесе решение за определување 16 инспекциски места за вршење контроли при увоз. Избор на едно од определените инспекциски места каде што ќе се врши контролата прави компанијата што увезува во Македонија“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека како одговорна институција Агенцијата ја поддржува иницијативата на бизнис-секторот за вршење заеднички инспекциски контроли со соседните земји. Според планираното, за оваа намена, на граничниот премин Ќафасан со Република Албанија ќе се гради нов објект за вршење заеднички контроли.
„За да нема задржување пратки од животинско потекло, кои се извезуваат од Северна Македонија, неодамна Агенцијата за храна и ветеринарство писмено се обрати до Ветеринарната управа на Република Србија со барање за пролонгирање на работното време на нивните официјални ветеринари на граничниот премин Табановце-Прешево. На барањето на Агенцијата, за жал, не беше позитивно одговорено“, се наведува во соопштението.