Независни Грци со предизборен спот со скриени пораки за евроизборите

Во присуство на претседателот на партијата и црната пудлица Танасис – протагонист во предизборниот партиски спот, Независни Грци официјално ги претставија кандидатите за европратеници за претстојните европски избори на 26 мај, јави дописничката на МИА од Атина.

Црната пудлица по име Танасис во предизборниот спот на партијата, послушно ги слуша наредбите на жената која му зборува на германски јазик.

– Танасис, овде, дојди! Браво Танасис! Седи! Стани! Преврти се! Јади трошки! Донеси пари! Браво!, му вели жената, чиј лик не се гледа, освен нејзината рака, а кучето послушно ги извршува наредбите.

Во продолжение, во кусиот спот од помалку од половина минута, од партијата, донеодаманешниот коалициски партнер во Владата порачуваа дека таа е послушна само на гласот на Грците.

– На овие избори немој да гласаш за ниту еден Танасис. Независни Грци, послушни сме само на еден глас. Гласот на Грците, порачува во спотот партијата на Каменос.

Медиумите во Грција коментираат дека Танасис, можеби е актуелниот грчки премиер Алексис Ципрас, иако кучето има марама со три бои, сина, розова и зелена, што можеби алудира на останатите грчки партии кои до сега беа на власт во земјата, додека пак за жената со жолто сако што му наредува на Танасис, коментарите се дека е германската канцеларка Ангела Меркел.

– Не знаете кој е? Секако, многумина се збунети, бидејќи многумина трчаат за трошки кон раката на Меркел, ѝ носат пари и извршуваат наредби, изјави Каменос во интервју за грчката телевизија „Антена”, прашан „кој е Танасис?”.

Независни Грци се познати по уникатните предизборни спотови, кои кријат политичка порака. Во пресрет на изборите во јануари и во септември 2015 година, главната улога во предизборните спотови на Независни Грци ја имаше малиот Алексис, намерно или случајно, момчето го имаше истото име со грчкиот премиер.

Пред изборите во јануари 2015 и пред СИРИЗА и Независни Грци да станат коалициски партнери во владата, Каменос во спотот одбра да му испрати индиректна порака на Ципрас, преку ликот на малиот Алексис, кој не знае како да управува со мал воз со далечински управувач. Токму Каменос му објасни и му помогна, што всушност значеше помош за земјата да остане на европскиот пат.

Пред изборите во септември истата година, малиот Алексис повторно беше протагонист, со скршена лева рака. Каменос му порача дека ќе го учи како да пишува со десната. Пораката беше повеќе од јасна, со фактот дека Ципрас е левичарски ориентиран, Каменос десничар.

При претставувањето на кандидатите за европратеници, претседателот на партијата рече дека Независни Грци изразуваат евроспетицизам.

– Ние од Независни Грци не сме подготвени да направиме компромис со денешна Европа, со Европа на кредиторите, не сме подготвени да прифатиме Европа што ќе ни го избрише нашиот национален идентитет, што ќе ги брише нашите традиции и вредности и ќе го поништи нашиот национален суверенитет. На никој и никогаш нема да му го отстапиме националниот суверенитет. Евроскептицизмот што го изразуваме е позитивна и креативна позиција, изјави Каменос.

Треба да знаете
Последни објави