Претседателот на политичкиот совет на украинската партија Опозициска платформа – за живот, Виктор Медведчук, изјави дека неговата партија официјално ќе го поддржи претседателскиот кандидат Владимир Зеленски ако тој се обиде да го реши конфликтот во регионот Донбас, пренесува ТАСС.
„Актуелниот украински претседател Петро Порошенко не сака мир. Ако Зеленски навистина се залага за мир и сака да ѝ ја врати економската моќ на Украина, нашата партија ќе ги поддржи неговите активности”, истакна Медведчук во интервју за „Фајненшл тајмс”.
Претходно, Зеленски рече дека се обидува да почне директни преговори со Русија со учество на меѓународни партнери за решавање на конфликтот во Донбас и да го отстрани Медведчук од преговарачкиот процес.
Првиот круг на претседателските избори во Украина се одржа на 31 март. Зеленски доби 30,24 отсто од гласовите, а Порошенко доби 15,95 отсто. Вториот круг од изборите е закажан за 21 април.