Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро го осудува нападот врз екипата на ТВ21 кој вчера се случил во селото Арачиново пред и во зградата на општината.
Според објавениот прилог на ТВ 21 за нападот, ТВ екипата била нападната од четворица мажи кои барале да бидат избришани снимките од граѓаните кои се жалеле на лошата инфраструктура во селото.
Потоа, насилниците дрско и безобразно продолжуваат со вербалните закани, а потоа и со сила успеале да ги натераат новинарот и снимателот да влезат во темна просторија од општината, каде повторно им било барано да ги избришат снимките.
Според ТВ21 посочените лица се обидувале да „им наредат и да ги научат” како да известуваат и за што смеат, а за што не смеат да објавуваат. Инцидентот продолжил во просториите на ТВ 21 каде што повторно од уредникот било барано да не се објави никаков негативен материјал за општината и за градоначалничката Миликије Халими која е од редовите на СДСМ, но се завршило откако во телевизијата се појавиле полициски службеници, а насилниците си заминале, се наведува во реакцијата на ССНМ.
Нападнатите новинари дале исказ во полициска станица, но во денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи овој инцидент само штуро е споменат без да се наведе дека била нападната телевизиска екипа.
ССНМ бара од Министерството за внатрешни работи детално да го истражи овој случај и да ги преземе сите неопходни мерки за да се казнат напаѓачите, но и обесхрабрат сите кои во иднина ќе помислат да ги спречуваат новинарите во нивната работа, односно ќе ја загрозуваат слободата на изразување и известување, а во овој случај и слободата на движење.
Исто така, ССНМ бара од градоначалничката Халими да го осуди нападот врз новинарите и да се огради од насилниците.
Синдикатот на новинари и медиумски работници овој напад врз екипата на ТВ21 кој е и напад врз слободата на известување и слободата на медиумите го пријави до сите меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на говор и изразување.