Мнозинството од испитаниците ширум Русија изјавиле дека имаат позитивен став во однос на поранешниот советски лидер, Јосиф Висарионович Сталин, и тоа во процент кој е највисок во последните 20 години, објави центарот „Левада“.
Така, 51 отсто од испитаниците рекле дека со почит гледаат на ликот и делото на Сталин, покажуваат резултатите од истражувањето на најголемата руска агенција за испитување на јавното мислење.
Ова е највисок процент после 2001 година од кога всушност и се анализира популарноста на поранешниот лидер, пренесува порталот „Индекс“.
Само девет проценти од испитаниците го опишале својот став кон Сталин како антипатија или омраза, а 26 отсто рекле дека немаат никакви чувства кон него.
Сталин владеел со Советскиот сојуз три децении. Под негово влодство, кон крајот на 30-тите години на минатиот век властите спровеле големи чистки кои вклучувале и масовни егзекуции.
Две години по овие настани, Советскиот сојуз бил нападнат во Втората светска војна. Земјата изгубила десетици милиони луѓе. Победата во таа војна останува длабок извор на национална гордост за Русите.
По смртта на Сталин во 1953 година, Советскиот Сојуз мина низ период на ограничена либерализација во кој беа отстранети многу статуи и другите аспекти од култот кон личноста на советскиот лидер.



