– Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаше средба со новоименуваниот постојан претставник на УНДП во Република Северна Македонија Нарине Сахакјан, која му ги предаде копиите од акредитивните писма.
Министерот Димитров, како што информираат од неговиот кабинет, изразил задоволство и благодарност кон мисијата на УНДП во земјава.
– На реформскиот пат кон ЕУ, несебичниот ангажман и иницијативите на УНДП во социјалната инклузија, продуктивното вработување, намалувањето на невработеноста и сиромаштијата, родовата еднаквост, јакнењето на институциите и животната средина, беа непроценлива помош за нас, порача Димитров.
Сахакјан, како што се наведува во соопштението, го споделила ентузијазмот и очекувањето дека европските партнери ќе го препознаат „реалното чудо”, како што го нарекла, и перманентните напори на Република Северна Македонија да стане кредибилен дел од Европската Унија.
На средбата, Сахакјан изразила искрено задоволство од можноста да ја продолжи својата мисија, започната во 2016 година, токму во земјава, особено, како што самата нагласи – во овој позитивен историски момент за нашата држава.
Осврнувајќи се на приоритетните активности на УНДП во Република Северна Македонија до 2020 година, Сахакјан констатираше дека може да се очекува плодна соработка, имајќи предвид дека тие се во целосна корелација со приоритетите на Владата.
На средбата, се вели во соопштението, било разговарано и за конкретни прашања со цел унапредување на целокупната соработка со Канцеларијата на УНДП во Скопје и имплементацијата на постоечките проекти во Република Северна Македонија.