Трудот на писателите со децении наназад е потценет, обезвреднет и омаловажуван. Се вели дека писателите пишуваат затоа што нема што друго да прават, едноставно како тоа за нив да е релаксација, задоволство или забава. Но, и писателите се луѓе, и нормално и тие треба да живеат зашто имаат секојдневни потреби и трошоци. Ова го посочи писателот Христо Петрески на трибината „Вреднување на писателскиот труд” што беше организирана денеска во Скопје од страна на Друштво на писателите во Македонија (ДПМ).
– Темата е многу широка и длабока, за неа со децении се разговара, се донесуваат ставови и заклучоци. Почесто се изнесуваат незадоволства отколку задоволства, зашто станува збор за една од најгорливите прашања и теми, а тоа е вреднувањето на писателскиот труд. Кога станува збор за организација на труд на писателот, тоа може да се прави на повеќе начини, естетски или материјално. Но, кога не го правите тоа никако или ретко, тогаш нормално дека ќе има незадоволство меѓу писателите. Писателите треба храбро да го кренат гласот и да го искажат незадоволството, но и институциите да водат повеќе грижа за ова прашање. Писателот не пишува само за сега и овде, тој остава книги, сведоштва, документи и докази зад себе и духовни и материјално. Нема цена со која некогаш ќе може да се плати писателскиот труд. Писателскиот труд е доведен до бездна, до раб на егзстенција. Крајно време е да не се деградира нашиот труд, рече Петрески.
Професорката и колумнистка Ана Мартиноска рече дека секој писател треба да обрне внимание на маркетингот за да биде чекор со промените што ги носи современото општество.
– Културниот маркетинг е нешто што на сите нас како писатели ни е можеби далечно, ние не знаеме да се продаваме или самите да се промовираме, но мора да сфатиме дека во денешно време без реклама едно дело не може да допре до публика и треба да се користат нови поинветнивни начини да се привлече интересот на публиката. Во денешно време секој конзумент на култура е бомбардиран од сите страни со многу различни импулси и во хипер продукција се создаваат многу дела, додаде Мартиноска.
Гоце Ристовски, писател и учесник на трибината, појасни дека професијата писател во нашата држава не постои.
– Проблемот е во тоа што во нашата држава професијата писател не постои, писателите се ангажирани со други професии а пишувањето им е еден вид хоби.Факт е дека од писателскиот труд не може да се живее. Тоа е така пред се затоа што сме мал пазар. Ние, како Друштво на писатели може да влијаеме ова да се промени, но не можеме да понудиме радикално решение.