Московскиот суд Лефортовски го продолжи за три месеци притворот за четворица од 24 украински морнари кои беа уапсени во ноември минатата година за кршење на руската граница во теснецот Керч, пренесува ТАСС.
„Судот го продолжи притворот за обвинетите Роман Мокрјак, Евгениј Семидотски, Андреј Опришко и Сергеј Цибизов за три месеци, до 24 јули 2019 година”, пресуди судијата Сергеј Рјабцев.
Судот го усвоил барањето на обвинителот и одржал затворен претрес.
Украинскиот комесар за човекови права во Врховната Рада, Људмила Денисова, исто така, се појави во судот Лефортовски за поддршкана морнарите.
Федералната служба за безбедност (ФСБ) поднесе барање до судот да го продолжи притворот за сите притворени украински морнари за три месеци. Истражниот мандат беше поставен за 25 август. Окружниот суд денеска ќе го проучи предлогот на истражителите да биде продолжена мерката за ограничување пред судењето за уште 20 обвинети.