Најмалку шест лица загинаа, а 35 се повредени во ракетен напад извршен врз главниот град на Либија, Триполи, јави агенцијата Анадолија.
Во соопштение што го објави Собранието на општината Ебу Селим во Триполи, се наведува дека врз подрачјето на Ебу Селим е извршен ракетен напад во кој животот го загубија шест лица, од кои пет биле жени, додека 35 се повредени.
Претседателот на Владата на национално единство на Либија, Фајиз ал Сараџ, го посети подрачјето кое беше цел на ракетен напад.
Во обраќањето за време на посетата на Ебу Селим, Сараџ го нарече генералот Калифа Хафтар „воен злосторник”, додавајќи дека пред Меѓународниот кривичен суд ќе бидат поднесени документи за прекршувањата што ги извршиле силите на Хафтар, информира Анадолија.
Според веста што ја објави либиската телевизија „Ахрар “, портпаролот на Владата на национално единство ги обвини силите на Хафтар за бомбардирањето на Триполи, додавајќи дека „бомбардирањето на цивилите од страна на силите на Хафтар е доказ за пораз на бојното поле”.
Во исто време, слични обвинувања упатија и силите на Хафтар кон Владата на национално единство.
Генерал Калифа Хафтар, лидер на воените сили од источниот дел на Либија, на 4 април нареди офанзива со цел заземање на Триполи, на што единиците на Владата на национално единство на Либија, распоредени во главниот град одговорија со контра операции.
Светската здравствена организација соопшти дека во судирите кои траат веќе 12 дена во Либија, досега загинале 174 лица, а 756 се повредени.