Францускиот премиер, Едуар Филип, денеска најави меѓународен архитектонски конкурс за реновирање на изгорената кула на катедралата Нотр Дам.
Тој изјавата ја даде по специјална седница на владата посветена на обновата на опожарената париска катедрала. Со седницата претседаваше претседателот Емануел Макрон.
Според зборовите на премиерот, целта на конкурсот е кулата на Богородичната црква во Париз да се прилагоди на техниките и предизвиците кои ги носат новите времиња.
Филип рече дека властите сé уште немаат прецизна проценка за трошоците за реконструкцијата. Макрон вчера изјави дека сака Нотр Дам да се обнови во рок од пет години.
„Очигледно, станува збор за огромен предизвик и историска одговорност“, нагласи францускиот премиер.