Апликацијата што ја обелодени тимот на Сиљановска може да се однесува на стотици илјади граѓани на Македонија и длабоко задира во приватноста на гласачите, изјави Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека со апликацијата тие може да следат кој, каде се движи, каде бил, што лајкувал, што напишал и како напишал.
Ѓорчев најави дека ќе има реакција до институциите, но нагласи дека немаат доверба во нив. Рече дека ИТ тимот којшто го имаат работи на темата и информациите се загрижувачки.
„Тоа е буквално една афера којашто можеме да ја наречеме ‘големото око’. Навика стана на СДСМ, до таа мера да се чувствуваат недопирливи, да прават што сакаат и да едноставно ја нарушуваат приватноста. Но, ова сакам да го кажам, прво граѓаните се чувствуваат непријатно затоа што им е нарушена приватноста, второ колку СДСМ и да ги следи, колку и да гледаат што прават, нивно е правото како ќе гласаат зад параванот, и трето треба да им вратат на оние коишто им ја нарушуваат приватноста оние коишто сакаат буквално да ги надгледуваат, да им вратат со гласање против нивниот кандидат, затоа што ова е срамота што го прават“, додаде Ѓорчев.
Тимот на Сиљановска вчера обелодени дека СДСМ преку андроид апликација ги следеле граѓаните. Од владејачката партија уверуваат дека не постои таква апликација.