На 23.03.2019 година обвинетиот управувал со автомобил Фоксваген Пасат кој не бил во негова сопственост и на крстосницата меѓу булеварите „Македонско-косовска бригада” и „Босна и Херцеговина” бил забележан од овластени службени лица на МВР дека поминал на запалено црвено светло. Притоа, му била дадена наредба да го запре возилото, но обвинетиот побегнал, по што по радио врска била објавена потрага по него.
Со поставена блокада на регионалниот пат Скопје-Велес кај Трубарево возилото било запрено, а полициските службеници извршиле легитимирање на обвинетото лице, личен преглед и преглед на возилото. На задното седиште од автомобилот била пронајдена марихуана со вкупна нето маса од 3.247,6 грама спакувана во три пакувања.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице, ценејќи дека и натаму постои опасност тој да се даде во бегство со цел да го избегне кривичниот прогон или да го повтори кривичното дело.