Албанскиот претседател, Илир Мета, по повод одлуката на холандскиот парламент, изјави дека Тирана треба да направи сè што е во нејзина моќ за одлуката да не предизвика домино ефект.
Станува збор за барање на холандскиот парламент за суспензија на безвизниот режим со Албанија.
„Постапката на холандскиот парламент е без преседан бидејќи, колку што ми е мене познато, досега не се случило да постои такво барање за Западен Балкан и нашите земји“, истакна Мета.
Претходно, четворица холандски пратеници иницираa да се укине привремениот безвизен режим на патувања за албанските граѓани во шенген-зоната, како дел од борбата против организираниот криминал. Предлогот беше усвоен од страна на Парламентот на Холандија на 11 април, по што холандската влада бара од Европската комисија да ја поведе постапката „вонредна сопирачка”, што овозможува суспензија на безвизниот режим.