Челси Флеминг и нејзиниот свршеник, Џони Пинети, пар од Џорџија решиле да копаат по контејнерите за да заштедат пари. Идејата им ја дала тетката на Џони.
„Таа копаше по контејнерите и секој пат кога ќе дојдеше, носеше еден куп работи – парфеми, храна, шминка, облека“, раскажува Челси.
Нивното прво пребарување на контерјнерите дополнително им ја зголемило желбата да продолжат да го прават тоа.
„Нашето прво самостојно пребарување на контејнерите беше вистински џекпот. Пронајдовме нов божикен асортиман кој на себе имаше етикета и тоа во вредност од неколку стотина долари“, се присетува младата мајка, која е уверена дека тоа бил паметен потег.
Вистинска пресвртница доживеала кога одлучила нивните оброци да ги планира исклучиво од она што ќе го пронајдат во контејнерите.
„На овој начин многу лесно ги преполовивме нашите месечни трошоци за храна“, истакнува таа.
Вели дека на храна заштедуваат околу 200 долари месечно, но покрај заштедата, копањето по контејнерите им носело и заработувачка.
Досега веќе се соочиле со полицијата, а неодобрувањето на овој начин на живот од страна на оние кои ги познаваат им станало секојдневие, пишува „Метро“.
„Штедливи сме, а своите пари ги трошиме мудро“, истакна Челси, која за себе вели дека секогаш била скромна, а овој начин на живот сака да го промовира и на другите за, како што вели, да ја спаси природата и да ги научи да не ја фрлаат храната.
Иако многумина им велат дека е целосно погрешно да го одгледуваат детето со храна од контејнери, парот е уверен дека не прави ништо погрешно, туку напротив, служат како позитивен пример.