Продолжуваат разговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.
Ова го потврди денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој изјави дека материјалите што ги доставила ВМРО-ДПМНЕ за овој закон не се во согласност со европските преговори поради што разговорите продолжуваат.
– Последната информација што ја имам во однос на разговорите е дека материјалите што ги доставила ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда не се во согласност со европските преговори така што разговорите продолжуваат, рече Бошњаковски.
Очекувањата се овој закон да биде последниот дел од реформскиот пакет закони што треба да бидат усвоени.
Според Бошњаковски, нема никакво намалување на интензитетот на преговорите со ЕУ.