Во понеделникот катедралата Нотр Дам во Париз ја зафати силен пожар. Околу 400 храбри пожарникари го гасеа огнот 14 часа.
Дел од заслугите за успешно спасување на средновековната катедрала се припишуваат на Колосус – роботот пожарникар. Колосус е тежок околу 1.100 килограми, и со него се служи Противпожарната бригада на Париз со далечинско управување, според „Јалопник“.
Кога огнот почна да напредува, односно кога пожарникарите сфатија дека може да се урне кулата на Нотр Дам, во спасувачката битка го испратија Колосус.
Колосус е дизајниран да издржи неверојатно тешки услови. Може да управува со пожарникарски црева, да носи тешка опрема на потребната локација, па дури и да пренесува повредени лица.
Le robot d’extinction d’incendie qu’ont utilisé les pompiers 🚒.#NotreDameDeParis pic.twitter.com/HQWrwG3Zjp
— Diego Calmard ✍ (@diegocalmard) April 16, 2019
Пожарникарите може да управуваат со него од далечина од речиси 1000 метри, а поради неговиот модуларен дизајн може да се конфигурира и приспособи на различни работни задачи.
Долг е околу 1,5 метар и широк околу половина метар. Тој е отпорен на вода и оган, и е управуван од два електрични мотори. Сопира со помош на електромагнетни сопирачки.