Одлуката на американската администрација да се повлече од договорот со кој се изземаат европските компании од американски санкции на Куба предизвика бурни реакции во ЕУ.
Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, заедно со евркомесарката за трговија, Сесилија Малмстром и министерката за надворешни работи на Канада, Кристиа Фриленд, попладнево предупредија дека американската одлука ќе доведе до „непотребна спирала” на правни мерки.
Според законот Хелмс-Бартон од 1996 година, американските граѓани имаат право да поднесуваат тужба против секоја компанија која тргува со или работи во Куба, земја која се наоѓа под санкции од САД. Од 1998 година, меѓутоа, секои шест месеци, американската администрација прифаќа да го суспендира овој правен акт за да не предизвика трговски тензии со Канада и со ЕУ.
Доналд Трамп е првиот американски претседател, кој не ја продолжува востановената пракса, дополнително во контекст на растечки трговски тензии меѓу двата блока. ЕУ и Канада попладнево изразија жалење поради таквата одлука.
– Ова ќе има голем влијание врз легитимните економски оператори од ЕУ и од Канада во Куба. ЕУ и Канада сметаат дека екстратериторијалната примена на унилатералните мерки против Куба е спротивна на меѓународното право, се наведува во реакцијата.
ЕУ и Канада повторија дека се „решени да ги заштитат” интересите на нивните компании во рамките на Светската трговска организација (СТО).
Нашите закони дозволуваат секое барање од САД да биде проследено со контрамерки во европските и канадските судови, така што одлуката на САД да дозволи тужби против странски компании ќе доведе само до непотребна спирала на правни акции, нагласија Могерини, Малмстром и Фриленд.
Претходно, американскиот државен секретар Мајк Помпео најави дека САД од 2 мај ќе ја укинат забраната за поднесување тужби против компании кои тргуваат со Куба.
– Секое лице или компанија која тргува со Куба треба да го има во предвид оваа соопштение, посочи Помпео.