Мета бара голема ангажираност со цел и други земји да не го следат примерот на Холандија за визите

Албанскиот претседател Илир Мета, коментирајќи ја одлуката на холандскиот парламент за суспензија на безвизниот режим со Албанија, оцени дека Тирана треба да направи се што е во нејзина моќ, со цел таа одлука да не предизвика домино ефект, па и други земји да почнат да го враќаат визниот режим за албанските граѓани.

– Постапката на холандскиот Парламент е без преседан, бидејќи колку што ми е познато, до сега не се случило да постои такво барање за Западен Балкан и за нашата земја. Се разбира, тоа е аларм, и ние треба да дадеме посилни пораки за организираниот криминал, кој не е загрижувачка појава само за Холандија, туку и за други земји, како што е Велика Британија. Второ, ние мора да имаме потесна соработка со Европската комисија, за да немаме ситуација што може да создаде негативна перцепција за Албанија. Ова ни кажува дека има некои достигнувања кои можат да бидат штетни и ранливи за нашата земја. Ова бара силна рефлексија и посветеност, изјави Мета.

Тој не ја отфрла можноста Албанија да се соочи со вакви одлуки и од други земји членки на ЕУ.

– Ова што се случи во Холандија, не може да се исклучи дека нема да се случи и во друга земја. Важно е одговорно да реагираме и кон нашите граѓани и кон меѓународните партнери, изјави Мета

Холандскиот Парламент вчера го усвои барањето на група пратеници за враќање на визите за влез во земјата на државјаните на Албанија, поради „зголемениот албански криминал” во Холандија. Одлуката е доставена до Владата, која треба да се обрати до Брисел, бидејќи последниот збор во врска со барањето за враќање на визниот режим за албанските граѓани го има Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави