Министерството за земјоделство, по изборите, ќе распише нов јавен повик за средствата за полските патишта што ги има во буџетот за годинава, рече министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при престојот на Прилеп, одговарајќи како се стимулираат руралните средини.
Според него, една од најзначајните мерки е за пристапните полски патишта, што лани е спроведена првпат и се предвидени финансии.
– Конкурираа сите плански региони, склучивме договори со сите за кои се одобрени средствата и сите ги распишале тендерските постапки за градежните активности, а министерсвото 50 насто од авансите го префрли во регионите. Веднаш по изборите Министерството ќе распише нов јавен повик за средствата за полските патишта што ги имаме во буџетот за годинава, рече Николовси.
Пред 20-ина дена Владата одобри склучување на 206 договори, проекти за инфраструктура, зелени пазари, патишта, канализации, водоводи кои, потенцираше ресорниот министер, ќе го вратат животот во селата.
– Вкупниот буџет кој го одобри Владата за тие мерки е 38 милиони евра. Секоја општина може да добие максимално три проекти. Секоја општина има добиено и по изборите ќе може да ги распише набавките, објасни Николовски нагласувајќи дека допрва следуваат директните средби со фармерите и земјоделците.