Случајот „Топлик” за продажбата на државното земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште продолжува на 17-ти мај, откако денешното рочиште беше одложено поради отсуство на судијата Огнен Ставрев.
На денешното рочиште во судница присутни беа првоосомничениот во случајот, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и другите петмина обвинети, како и повиканите сведоци.
На следното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани пет сведоци.
Случајот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителот Бурим Рустеми од СЈО.
Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град” во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити”. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.