Светската здравствена организација соопшти дека бројот на заболени од мали сипаници ширум светот, во првите три месеци од 2019 година е зголемен во однос на истиот период минатата недела.
СЗО наведе дека епидемија има во сите делови од светот, а најдраматична е ситуацијата во Африка, над 700 проценти, пренесе Би-би-си.
„Вистинските бројки можат да бидат уште повисоки, бидејќи глобално се пријавува само еден од 10 случаи на заболени“, наведе СЗО, од каде истакнуваат дека малите сипаници можат некогаш да доведат до сериозни здравствени компликации, вклучувајќи заболување на белите дробови и мозокот.
Украина, Мадагаскар, и Индија се земји во кои се забележани десетици илјади случаи на милион жители.
Само на Мадагаскар од септември минатата година, починале најмалку 800 лица.
Епидемијата ги погоди и Бразил, Пакистан и Јемен, предизвикувајќи бројни смртни случаи, воглавно деца, а дојде до зголемување на бројот на случаи во земји во кои бројот на вакцинирани лица е висок, вклучувајќи ги САД и Тајланд.
Во 170 земји забележани се 112.163 случаи на мали сипаници, додека во истиот период минатата година, во 163 земји имало 28.124 случаи.
Поголемиот број на заболени, 94 отсто се невакцинирани, не се целосно вакцинирани или не е познат нивниот вакционален статус.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и шефицата на УНИЦЕФ, Хенриера Форе истакнуваат дека светот е среде криза на мали сипаници и за тоа е виновно ширењето на конфузни и контрадикторни информации за вакцините.
Гебрејесус и Форе наведоа дека е разбирливо во таков амбиент родителите да бидат изгубени, но на крајот на краиштата нема расправа за суштинската корист од вакцините.
„Повеќе од 20 милиони животи се спасени благодарение на вакцините против малите сипаници, само од 2.000 година“, наведоа шефот на СЗО и шефицата на УНИЦЕФ.