По првите три трки од сезоната 2019 во Формула 1, едно од прашањата кои новинарите се чувствуваат должни да му ги постават на Себастијан Фетел, е за тимските заповеди. Запрашан дали смета дека тимските наредби се најдобар начин за освојување на титула, Себастијан одговори: „Не знам, можеби треба да го прашате Луис (Хамилтон)”.
И во трите круга досега Ферари им кажува на пилотите што да прават. Во Австралија, Леклер послушно го следеше својот тимски колега. Во Бахреин ја игнорираше наредбата да не го поминува и за малку ќе ја освоеше својата прва победа. Во Кина пак, Леклер му се тргна од патот на Фетел, кое помогна на Себастијан да заврши трет, но Шарл се спушти до петтата позиција.
– Ова не е прв пат, во кој гледаме вакво нешто. Како што рече Матија Биното, се обидовме се како тим. Разочарувањето по трката беше дека не можевме да бидеме трети и четврти. Јас сакам да сум пред Шарл, тој пак сака да е пред мене. Не сакам да се задлабочувам повеќе, бидејќи секогаш е тешко, особено кога медиумите ги извртуваат одговорите, сподели четирикратниот светски шампион.