Косовскиот портал на албански јазик „Газета Експрес”, повикувајќи се на неименуван висок извор во Специјалниот суд за Косово, тврди дека наскоро ќе се подигнат првите обвиненија, и тоа против високи државни челници осомничени за убиства на Албанци по војната во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Изворот на „Газета Експрес” вели дека процесот може да се именува „државата на суд”, со оглед дека, според материјалите кои ги поседува, меѓу обвинетите ќе бидат највисоките државни раководители на Косово, конкретно претседателот на државата Хашим Тачи и претседателот на Собранието Кадри Весели.
– Судот има обезбедено многу сведоци и докази врз кои ги заснова обвиненијата, вели изворот на приштинскиот портал.
Канцеларијата на специјалниот обвинител до сега интервјуирала околу 100 лица, во својство на осомничени и сведоци, а планира да интервјуира уште 300 други пред да ги покрене првите обвиненија.
– Според она што денес го поседува обвинителството, обвиненија ќе бидат покренати против Тачи и Весели, како и против (актуелните пратеници) Реџеп Селими и Даут Харадинај (поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово) Сами Љуштаку и Азем Сиља и многу други фигури од војната, вели претставникот на Специјалниот суд, кој, според „Газета Експрес”, бил интервјуиран во една од земјите на Европската унија, но побарал да остане анонимен.