Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на митинг се обрати пред граѓаните во Општина Кратово. Мицкоски пред присутните истакна дека е дојдено време политичките измамници од врхушката на СДСМ, на чело со Зоран Заев да заминат во политичка пензија.
„Ќе дојде денот кога од прв до последен ќе одговараат, се обидоа да го лажат народот, дека немале време за интонирање на македонската химна, да не му биде незгодно на новиот пријател на Зоран Заев во неговата земја, оној Зоран Заев кој не убедуваше дека го зајакнал идентитетот. Истиот кој се срамеше да одговори на кој јазик зборуваат жителите на северна Грција, се срамеше да каже дека тоа се Македонци кои зборуваат македонски јазик, пеат македонски песни и играат македонски ора“, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски во своето обраќање одговори на повиците за АРМ на портпаролот на СДСМ, со професорката Гордана Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека тоа младо момче не знае што е утринска смотра, што е пожарство, дали знае што е стража на минус 20 степени во пола метар снег, а не знае ниту неговиот лидер Зоран Заев бидејќи со лажна медицинска белешка го избегнал воениот рок, но како што рече затоа не им пречеше да ја обесчестат армија, да ја постројат македонската гарда и да ја интонираат македонската химна.
„Ветуваа правда, ветуваа мир, а пекол направија, затоа што после две години секој граѓанин на Република Македонија денеска знае дека всушност ниту правда било во прашање, ниту мир, ниту живот туку пусти пари биле во прашање. Но затоа ние денеска треба ова неправда да ја победиме со правдата која што ќе ја донесе идната претседателка, а тоа е професорката Гордана Сиљановска Давкова“, нагласи Мицкоски.
Тој потенцираше дека крајот е блиску затоа што изборот е едноставен.
„Од една страна го имаме Стево Пендаровски поддржан од сите политичари од транзицијата кои урнаа илјадници човечки судбини, а од друга страна ја имаме професорката Гордана Сиљановска Давкова, бескомпромисен борец, кој секогаш е на страната на правото, правдината Уставот и Законите.
Гордана Сиљановска Давкова со својот личен, домашен, но и меѓународен интегритет и професионален идентитет и тимот на врвни експерти има јасен план како да се врати правото и правната држава“, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски на крајот уште еднаш ги повика жителите на Општина Кратово да ја поддржат професорката Сиљановска Давкова на 21-ви април и на 5-ти мај, затоа што голема победа на овие избори ќе ја отвори вратата за предвремени парламентарни избори на кои Зоран Заев и СДСМ ќе заминат во политичката историја, и ќе изгрее зората на слободата која ќе донесе правда во Македонија.