Дали јавната администрација е транспарентна, дали е превработена, дали услуги се добиваат само со врски, која е генералната оценка за нејзината работа се дел од прашањата кои ќе бидат одговорени денеска на презентацијата на клучните наоди и препораки од анкетното истражување Еврометар 2019.
Истражувањето е посветено на работата на јавната администрација, а содржи и компаративна анализа на минатогодишните наоди.
Настанот е во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а на него ќе говори дел од тимот на Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформа на јавната администрација од страна на граѓанските организации.
Во истражувањето се дадени и наоди за тоа дали во јавната администрација работат професионални кадри, колку партиската книшка игра улога при вработувањето, колку партиите ја искористуваат јавната администрација и нејзините ресурси за партиски и лични цели, дали нејзините услуги се лесно достапни и може да ги користи секој кој има потреба од нив.
Опфатено е и задоволството, односно незадоволството од институциите и испораките на услуги од страна на администрацијата.