Горан Момировски од тимот на кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска Давкова ги информирал претставниците на ОБСЕ-ОДИХР,набљудувачката мисија на ОБСЕ за аферата „Големото око“.
Од пред канцелариите на ОБСЕ, тој рече дека аферата „Големото око“ можела да запре веднаш пред четири дена кога тимот на Гордана Сиљановска Давкова ги објавил индициите за сериозен криминал од страна на СДСМ, индициите дека се прибираат информации, лични податоци на граѓани и се складираат на серверот на владејачката партија.
„Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека постои апликација. Тој тврди дека се работи само за избирачкиот список кои што го имаат политичките партии, меѓутоа ние до сега не видовме никаква проверка од страна на надлежните институции што точно има на серверот на СДСМ, какви податоци се складирани, и главното прашање е дали во копијата од избирачкиот список што го има социјалдемократскиот сојуз се наоѓаат и матичните броеви на сите македонски гласачи? За жал, Јавното обвинителство кое што вчера започна некакви истражни дејствија, МВР не направија напор веднаш по нашите укажувања да го одземат серверот од СДСМ, за да се провери што се случува и што на него има“, рече Момировски.
Ние за жал, како што додаде, повторно ќе речам преку социјалните мрежи вчера и завчера во живо практично следиме како се блокира серверот на СДСМ, како се апдејтира апликацијата и дека серверот во одредени моменти не работеше, за сега повторно да проработи.
„Се сомневаме дека дел од хард дисковите се веќе избришани или пак променети, и главната информација што ја дознавме вчера преку социјалните мрежи е дека кодот со кој што претходно се означуваше единствениот матичен број на граѓаните сега е заменет со други бројка и буква што укажува на тоа дека индициите дека сепак СДСМ ги прибирала матичните броеви на граѓаните се точни“, додаде Момировски.