Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски упати честитка до Католичката црква во Република Македонија, Бискупот Скопски и Епарх Струмичко – Скопски, мон. д-р Киро Стојанов, како и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
„Милиони луѓе во светот денес ги изговараат зборовите ‘Христос воскресе’, радувајќи се на овој голем празник. Христовото Воскресение е симбол на победата на доброто, на позитивните вредности, љубовта, мирот и испружената рака кон човекот. Изградбата на мирот во општеството не е можна без верата во овие вредности. Посакувам Вашите срца да бидат исполнети со оваа голема љубов и духовен мир. Во пресрет на скорешната посета на Папата Франциск на Балканот и во нашата држава да се потсетиме на неговата порака на 52-от Светски ден на мирот: ‘Добрата политика е во служба на мирот’. Доследното почитување на секоја личност и градење на политика за доброто на сите, ќе овозможи вистинска благосостојба во нашата мила Татковина и насекаде во светот“, се наведува во честитката.