Еден од шефовите на нарко подземјето во пошироката област на Сплит уапсен е од страна на полицијата кога во станот во кој престојувал 29-годишникот биле откриени повеќе од четири и пол килограми хероин.
Тој со месеци бил следен од полициски службеници, а при претресот покрај хероин, инспекторите пронашле и околу 2 и пол килограми други дроги кои, заедно со хероинот, при улична продажба би можеле да достигнат вредност од околу 400 илјади евра, пренесоа хрватските медиуми.
Во врска со оваа голема заплена и апсење, сплитско-далматинската полиција одржа вонредна прес-конференција, на која беше соопштено дека 29-годишникот бил следен повеќе месеци, бидејќи и претходно бил познат по злоупотреба на дрога.
Шефот на криминалистичката полиција Анте Матковиќ, истакна дека уапсениот е еден од лидерите на организираниот криминал, кога станува збор за злоупотреба на дрога во пошироката сплитска област.
„Со оглед на количината и сè што е пронајдено, очигледно е дека дрогата била наменета за препродажба, дека лицето било вооружено, а истрагата оди понатаму со цел да се утврди неговата поврзаност со други лица“, рече Матковиќ.
Во изнајмениот стан кој го користел уапсениот, полицијата пронашла четири килограми и 650 грама хероин, 625 грама кокаин, килограм и 840 грама марихуана, 133 таблети екстази, 54 грама амфетамин, три дигитални ваги, прибор и опрема за пакување на дрога, два пиштола „глок“ како и 135 парчиња муниција, соопшти полицијата.