Американските власти подигнаа обвинение против 53 здравствени работници, вклучително и 31 лекар, поради нивната улога во препишување опиоиди и други опасни лекови, понекогаш во замена за сексуални услуги.
Официјални претставници на прес-конференција во Синсинати, Охајо, истакнале дека истрагата не е целосно завршена.
Американски лекари, фармацевти и други медицински работници се обвинети за нелегално препишување милиони пилули кои содржат опиоиди и други штетни лекови, пренесува „Гласот на Америка“.
Властите идентификувале 350 недозволени рецепти со кои биле препишани вкупно 32 милиони пилули.
„Денешното соопштение вклучува наводни кривични дела против 53 медицински работници, вклучувајќи 31 лекар, седум фармацевти, девет лекарски помошници и медицински сестри и шест други здравствени работници. Ова е најголем скандал од овој тип против регистрирани медицински работници“, изјави Џон Мартин од Агенцијата за борба против дрогата.
Имињата на обвинетите засега не се објавени, но официјални лица наведоа дека веќе се спроведени апсења и дека налозите за претрес се извршени.
„Ако таканаречените здравствени работници постапуваат како дилери на дрога, Министерството за правда ќе ги третираа како такви“, изјави помошникот на американскиот министер за правда, Брајан Бенчковски.
Речиси сите нелегални рецепти за лекови како фентанил и оксикодон биле издадени во пет американски сојузни држави: Алабама, Кентаки, Охајо, Тенеси и Западна Вирџинија. Случаите вклучуваат еден лекар од Дејтон, Охајо, кој наводно препишaл милион и 750.000 лекови за период од две години, а друг во Алабама, наводно им дозволувал на жени со кои имал сексуални односи да користат лекови во неговиот дом.