Властите на Косово и на Србија се изјаснија против решение засновано на „двоен суверенитет” во Косово, за кое што се шпекулира дека може да им биде предложено на двете страни на самитот што на крајот на месецов ќе се одржи во Берлин, пишува денеска весникот „Коха Диторе”.
Дијалогот меѓу Косово и Србија ќе биде во центарот на самитот на лидерите на балканските држави, чии домаќини ќе бидат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Лидерите на двете најмоќни европски држави, пишува приштинскиот весник, се против решение со „корекција на границите”, но таа можност не ја исклучуваат Брисел и Вашингтон.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, објавија дека Меркел и Макрон ќе предложат конечно решение кое ќе се фокусира на признавањето на косовскиот суверенитет, но и дека на Србија ќе ѝ биде признаен своевиден суверенитет над косовските Срби, посебно над православните верски објекти.
Меѓутоа, според „Коха Диторе”, ваквото решение во моментов не наидува на одобрување од државните врвови, ниту во Приштина, ниту во Белград.