Британски нуркач кој минатата година учествувал во спектакуларното извлекување на тајландските момчиња од фудбалскиот тим „Вепарчиња“ од поплавената пештера, неодамна и самиот морал да биде спaсeн од пештера во американската сојузна држава Тенеси, објавија американските медиуми.
Џош Бретчли бил спасен од пештерата Мил Понд во близина на Нешвил во средата нaутро. Тој се чувствува добро и одбил лекарска помош, објави локалната мрежа WRCBTV.
Бретчли бил дел од мала група британски нуркачи кои неколку дена ја истражувале пештерата, објави агенцијата за итни случаи.
Групата во вторникот воочила дека нивниот колега го нема подолго време и членовите на тимот почнале да трагаат по него, најпрво сами, а по полноќ повикале и помош. Друг локален нуркач кој добро ја познавал пештерата тргнал во потрага и успеал да го најде Бретчли во среда, во раните утрински часови.
Нуркачот Ед Соренсен на прес-конференција изјавил дека го очекувал најлошото кога се спуштил во пештерата, поради ниските температури и мракот, пренесува NBC News.
„Главно во акциите за спасување, луѓето се хистерични, во паника и ја прават ситуацијата поопасна“, објаснил Соренсен и нагласил дека во овој случај Бретчли му помогнал во спасувањето.
„Тој беше максимално смирен и само ми кажа – ‘Фала ти, фала ти многу. Кој си ти?’“.
Брајан Кребс, член на Службата за спасување која била пратена на помош, објаснил дека во акцијата требало да се нурка 120 метри во длабочина, низ тесни премини.